Услови за користење

  • Условите за користење
    Преглед
    1. Услугите коишто ги обезбедуваме
    2. Како се финансираат нашите услуги
    3. Вашите обврски кон Facebook и нашата заедница
    4. Дополнителни одредби
    5. Други услови и правила коишто може да важат за вас

Услови на користење

Преглед
Важи од 1 јануари 2025 | Прикажи ја верзијата за печатење
Meta создава технологии и услуги коишто им овозможуваат на луѓето да се поврзуваат помеѓу себе, да градат заедници и да развиваат бизниси. Овие Услови за услуги („Услови“) го уредуваат вашиот пристап и користење на Facebook, Messenger и другите производи, веб-страници, карактеристики, апликации, услуги, технологии и софтвер што ги нудиме (Производите на Meta или Производите), освен кога изречно наведуваме дека важат посебни услови (а не овие). (На пример, вашето користење на Instagram е предмет на Условите за користење на Instagram). Овие Производи ви ги обезбедува Meta Platforms, Inc. Овие Услови претставуваат договор помеѓу вас и Meta Platforms Inc. Ако не се согласувате со овие услови, тогаш не пристапувајте и не користете го Facebook или другите производи и услуги опфатени со овие услови.
Овие Услови (претходно познати како Изјава за права и обврски) го сочинуваат целиот договор помеѓу вас и Meta Platforms, Inc. во однос на користењето на нашите Производи. Тие ги заменуваат сите претходни договори.
Не ви наплаќаме за користењето на Facebook или другите производи и услуги што се опфатени со овие Услови, освен ако не наведеме поинаку. Наместо тоа, бизнисите и организациите, а и други лица ни плаќаат нам за да ви прикажуваме реклами за нивните производи и услуги. Користејќи ги нашите Производи, се согласувате дека може да ви прикажуваме реклами коишто сметаме дека ќе бидат релевантни за вас и вашите интереси. Ги користиме вашите лични податоци за да утврдиме кои персонализирани реклами да ви ги прикажуваме.
Ние не им ги продаваме вашите лични податоци на огласувачите на реклами и не споделуваме информации коишто директно ве идентификуваат (како што се вашето име, адреса на е-пошта или други податоци за контакт) со огласувачите на реклами, освен ако ни дадете конкретна дозвола. Наместо тоа, огласувачите на реклами може да го наведат типот публика што сакаат да ги гледа нивните реклами и им ги прикажуваме тие реклами на луѓето коишто можеби се заинтересирани. На огласувачите на реклами им обезбедуваме извештаи за перформансите на нивните реклами коишто им помагаат да ја разберат интеракцијата на луѓето со нивните содржини. Видете во Дел 2 подолу за да дознаете повеќе за тоа како персонализираните реклами според овие услови функционираат на производите на Meta.
Нашата Политика за приватност објаснува како ги собираме и ги користиме вашите лични податоци за да избереме дел од рекламите коишто ги гледате и да ви ги обезбедиме сите други услуги опишани подолу. Може и да појдете до страниците со ваши поставки за релевантните Производи на Meta во кое било време за да ги прегледате вашите избори за приватност за тоа како ги користиме вашите податоци.
Кои Производи ги опфаќаат овие Услови?
1. Услугите коишто ги обезбедуваме
Нашата мисија е да им овозможиме моќ на луѓето да градат заедници и да го зближиме светот. Како помош при остварувањето на оваа мисија, ви ги обезбедуваме Производите и услугите опишани подолу:
1.1 Ви обезбедуваме персонализирано искуство:
Вашето искуство на Facebook е различно од тоа на другите: од објавите, приказните, настаните, рекламите и другите содржини коишто ги гледате во Ѕидот со објави на Facebook или на нашата видеоплатформа до Страниците на Facebook коишто ги следите и другите карактеристики коишто може да ги користите, како Facebook Marketplace и пребарувањето. На пример, ги користиме податоците за врските што ги воспоставувате, изборите и поставките што ги избирате и тоа што го споделувате и правите на и надвор од нашите Производи ‒ за да го персонализираме вашето искуство.
1.2 Ве поврзуваме со луѓето и организациите коишто ве интересираат:
Ви помагаме да ги наоѓате и да се поврзувате со луѓето, групите, бизнисите, организациите и другите коишто ви се важни на Производите на Meta коишто ги користите. Ги користиме податоците за да нудиме предлози за вас и за другите ‒ на пример, групи во коишто може да се придружите, настани на коишто може да присуствувате, Страници на Facebook за следење или за испраќање пораки, емисии за гледање и луѓе со коишто можеби би сакале да се спријателите. Посилните врски ги подобруваат заедниците и веруваме дека нашите услуги се најкорисни кога луѓето се поврзани со луѓето, групите и организациите што ги интересираат.
1.3 Ве охрабруваме да се изразувате и да комуницирате за работите што ви се важни:
Постојат многу начини на коишто може да се изразите себеси на Facebook за да комуницирате со пријателите, семејството и другите за тоа што ви е важно ‒ на пример, споделување ажурирања на статусот, фотографии, видеа и приказни на Производите на Meta (конзистентно со вашите поставки), испраќање пораки или говорни или видео повици до пријател или до повеќемина, создавање настани или групи, или додавање содржини на профилот, како и да ви даваме увид во тоа како другите реагираат на вашата содржина. Исто така, развивме и продолжуваме да истражуваме нови начини на коишто луѓето може да ја користат технологијата, како што подобрената реалност и видео од 360° за создавање и споделување поекспресивни и попривлечни содржини на Производите на Meta.
1.4 Ви помагаме да откривате содржини, производи и услуги коишто може да ве интересираат:
Ви прикажуваме персонализирани реклами, понуди и други спонзорирани или комерцијални содржини за да ви помогнеме да откривате содржини, производи и услуги што ги нудат голем број бизниси и организации коишто ги користат Facebook и другите Производи на Meta. Ова е подетално објаснето во Секцијата 2 подолу.
1.5 Промовираме безбедност, сигурност и интегритет на нашите услуги, се бориме против штетно однесување и ја одржуваме безбедна нашата заедница на корисници:
Луѓето ќе изградат заедница на Производите на Meta само ако се чувствуваат безбедно и сигурно. Работиме напорно за да ја одржиме безбедноста (вклучително и достапноста, автентичноста, интегритетот и доверливоста) на нашите Производи и услуги, Имаме вработено посветени тимови низ целиот свет, работиме со надворешни даватели на услуги, партнери и други релевантни субјекти и развиваме напредни технички системи за да откриваме потенцијална злоупотреба на нашите Производи, штетно однесување кон другите и ситуации во коишто може да помогнеме со поддршка или заштита на нашата заедница, вклучително и одговор на корисничка пријава за потенцијално насилна содржина. Ако откриеме вакви содржини или однесувања, ќе преземеме соодветни дејства врз основа на нашата проценка, што може да вклучи да ве известиме, да ви понудиме помош, да отстраниме одредени содржини, да го отстраниме или ограничиме пристапот до одредени карактеристики, да ја оневозможиме сметката или да контактираме со полицијата. Споделуваме податоци со другите Компании на Meta кога ќе откриеме злоупотреба или штетно однесување од страна на некој што ги користи нашите Производи или за да ја одржиме безбедноста на Производите на Meta, на корисниците и на заедницата. На пример, споделуваме податоци со Компаниите на Meta што обезбедуваат финансиски производи и услуги за да им помогнеме да промовираат безбедност, сигурност и интегритет и да се усогласени со важечките закони. Meta може да пристапува, чува, користи и споделува информации што ги собира за вас кога верува со најдобра намера дека тоа е потребно или дозволено со закон. За повеќе информации, разгледајте ја нашата Политика за приватност.
Во некои случаи, Одборот за надзор може да ги провери нашите одлуки коишто подлежат на нивните услови и прописи. Дознајте повеќе овде.
1.6 Користиме и развиваме напредни технологии за да обезбедиме безбедни и функционални услуги за сите:
Користиме и развиваме напредни технологии ‒ како на пример вештачка интелигенција, системи за машинско учење и подобрена реалност ‒ со цел луѓето да може да ги користат нашите Производи безбедно, без разлика на физичката способност или географската локација. На пример, ваквата технологија им помага на луѓето со визуелни попречувања да разберат што или кој е на фотографиите или видеата споделени на Facebook или Instagram. Градиме и софистицирани мрежни и комуникациски технологии за да им помогнеме на што повеќе луѓе да се поврзат на интернет во областите со ограничен пристап. А развиваме и автоматизирани системи коишто ја подобруваат нашата способност за откривање и отстранување навредливи и опасни активности коишто може да им наштетат на нашата заедница и на интегритетот на нашите Производи.
1.7 Истражуваме начини за подобрување на нашите услуги:
Спроведуваме истражувања за развивање, тестирање и подобрување на нашите Производи. Тука се вбројува анализирањето податоци што ги имаме за нашите корисници и разбирањето на начинот на којшто луѓето ги користат нашите Производи, на пример, преку спроведување анкети и тестирања и решавање на проблемите поврзани со новите карактеристики. Нашата Политика за приватност го објаснува начинот на којшто ги користиме податоците како поддршка на ова истражување, чија цел е развивање и унапредување на нашите услуги.
1.8 Обезбедуваме доследни и непрекинати искуства на сите Производи на Компанијата Meta:
Нашите Производи ви помагаат да ги наоѓате и да се поврзувате со луѓето, групите, бизнисите, организациите и другите коишто ви се важни. Ги дизајнираме нашите системи со цел вашето искуство да биде доследно и непрекинато на различните Производи на Компанијата Meta коишто ги користите. На пример, ги користиме податоците за луѓето со коишто комуницирате на Facebook за да ви го олесниме поврзувањето со нив на Instagram или на Messenger и ви овозможуваме да комуницирате со бизнисите што ги следите на Facebook преку Messenger.
1.9 Овозможуваме глобален пристап до нашите услуги:
За да функционираат нашите глобални услуги и за да ви овозможиме да се поврзувате со луѓе низ целиот свет, ние треба да префрламе, чуваме и дистрибуираме содржини и податоци до нашите центри за податоци, партнери, даватели на услуги, трговци и системи низ целиот свет, вклучително и надвор од вашата земја на живеење. Користењето на оваа глобална инфраструктура е неопходна и од суштинско значење за обезбедување на нашите услуги. Оваа инфраструктура може да биде во сопственост на, и со неа да работи или да ја контролира Meta Platforms, Inc., Meta Platforms Ireland Limited или нејзините поврзани друштва.
2. Како се финансираат нашите услуги
Наместо да плаќате за да ги користите Facebook и другите производи и услуги што ги нудиме, користејќи ги Производите на Meta опфатени со овие Услови, вие се согласувате дека може да ви прикажуваме персонализирани реклами и други комерцијални или спонзорирани содржини за коишто бизнисите и организациите ни плаќаат да ги промовираме на и надвор од Производите на Компанијата Meta. Ги користиме вашите лични податоци, како што се податоците за вашите активности и интереси, за да ви ги прикажуваме рекламите коишто се порелевантни за вас.
Заштитата на приватноста на луѓето има централно место во тоа како го имаме дизајнирано нашиот систем на персонализирани реклами. Ова значи дека може да ви прикажуваме релевантни и корисни реклами без да им го откриеме вашиот идентитет на огласувачите на реклами. Не ги продаваме вашите лични податоци. Им дозволуваме на огласувачите на реклами да ни ги кажат нивните деловни цели и типот на публика којшто сакаат да ги гледа нивните реклами (на пример, луѓе на возраст помеѓу 18‒35 години кои се заинтересирани за велосипедизам). Потоа им ги прикажуваме нивните реклами на луѓето коишто можеби се заинтересирани.
На огласувачите на реклами им доставуваме и извештаи за перформансите на нивните реклами за да им помогнеме да ја сфатат интеракцијата на луѓето со нивните содржини на и надвор од Производите на Meta. На пример, на огласувачите на реклами им даваме општи демографски податоци и податоци за интереси за да им помогнеме подобро да ја разберат нивната публика, како на пример фактот дека жените на возраст од 25 до 34 кои живеат во Мадрид и сакаат софтверски инженеринг ја виделе рекламата. Не споделуваме податоци коишто директно ве идентификуваат (податоци како името и адресата на е-пошта, кои може да се искористат за контакт или кои ве идентификуваат), освен ако ни дадете конкретна дозвола. Дознајте повеќе за начинот на којшто функционираат рекламите на Meta тука.
Ги собираме и користиме вашите лични податоци за да ви ги обезбедиме услугите опишани погоре. Дознајте како ги собираме и ги користиме вашите податоци во нашата Политика за приватност. Вие ги контролирате типовите реклами и огласувачи на реклами коишто ги гледате и типовите податоци коишто ги користиме за да утврдиме кои реклами да ви ги прикажуваме. Дознајте повеќе.
3. Вашите обврски кон Facebook и нашата заедница
Ви ги обезбедуваме овие услуги вам и на другите за да ја оствариме нашата мисија. За возврат, треба да ги исполните следниве обврски:
3.1 Кој може да користи Facebook
Кога луѓето се држат до своите мислења и дејства, нашата заедница е побезбедна и поодговорна. Затоа, мора:
  • да го користите истото име коешто го користите во секојдневниот живот.
  • да наведувате точни податоци за себе.
  • да создадете само една сметка (ваша сопствена) и да ја користите за лични цели.
  • да не ја споделувате својата лозинка, да не им давате пристап до вашата сметка на Facebook на други и да не ја пренесувате вашата сметка на никој друг (без наша дозвола).
Се обидуваме да го направиме Facebook широко достапен за сите, но не може да користите Facebook ако:
  • Имате помалку од 13 години.
  • Сте осуден сексуален престапник.
  • Ние претходно ја оневозможивме вашата сметка поради прекршување на нашите Услови, Стандардите на заедницата или други услови и политики што се однесуваат на вашето користење на Facebook. Ако ја оневозможиме вашата сметка поради прекршување на нашите Услови, Стандардите на заедницата или другите услови и политики, вие се согласувате дека нема да создадете друга сметка без наша дозвола. Дозвола за создавање нова сметка даваме само според наша сопствена дискреција и тоа не значи ниту пак подразбира дека дисциплинската мерка била погрешна или неоснована.
  • Вам ви е забрането да добивате наши производи, услуги или софтвер согласно важечките закони.
3.2 Што може да споделувате и правите на производите на Meta
Сакаме луѓето да ги користат Производите на Meta за да се изразат и да ги споделуваат содржините коишто им се важни, но не на сметка на безбедноста и добросостојбата на другите или интегритетот на нашата заедница. Затоа, се согласувате да не ги преземате дејствата опишани подолу (или да им олеснувате на или да ги поддржувате тие коишто ги преземаат):
  1. Не смеете да ги користите нашите Производи за да правите или споделувате работи:
    • коишто ги прекршуваат овие Услови, нашите Стандарди на заедницата или другите услови и правила коишто важат при вашето користење на нашите Производи.
    • коишто се незаконски, грешни, дискриминаторски или измамнички (или да му помагате на некој друг при користењето на нашите Производи на таков начин).
    • коишто не ги поседувате или ги немате неопходните права за споделување.
    • коишто повредуваат или прекршуваат нечии други права, вклучително и нивните права на интелектуална сопственост (како на пример, со повреда на нечие авторско право или трговска марка, или со дистрибуција или продажба на фалсификувана или пиратска стока) освен во случај на исклучок или ограничување согласно со важечки закон.
  2. Не смеете да поставувате вируси или малициозен код, да користите услуги за испраќање непосакувана содржина или да правите други работи што би можеле да ги оневозможат, оптоварат, попречат или нарушат правилното функционирање, интегритетот, функционирањето или изгледот на нашите услуги, системи или Производи.
  3. Не смеете да пристапувате ниту да собирате податоци од нашите Производи со автоматизирани средства (без наша претходна дозвола) или да се обидувате да пристапите до податоците до коишто немате дозвола да пристапите, без оглед на тоа дали таквиот автоматизиран пристап или собирање е преземен додека сте најавени на сметка на Facebook.
  4. Не смеете да давате полномошно, да барате или собирате кориснички имиња или лозинки за Производот, или да присвојувате токени за пристап.
  5. Освен како што е предвидено во Условите на платформата, не можете да продавате, лиценцирате или купувате податоци добиени од нас или од нашите услуги, без разлика дали таквите податоци се добиени додека сте најавени на сметка на Facebook.
  6. Не смеете да злоупотребувате никакви канали за пријави, алармирање на проблеми, спорови или жалби, на пример со давање измамнички, двојни или неосновани пријави или жалби.
  7. Не можете да правите или да се обидувате да направите ништо за да ги заобиколите, поминете или поништите кои било технолошки мерки што Meta ги користи за да го контролира или ограничува пристапот до нашите производи или податоци.
Може да го отстраниме или да го ограничиме пристапот до содржините коишто ги прекршуваат овие одредби. Исто така, може да ја суспендираме или оневозможиме вашата сметка поради однесување коешто ги прекршува овие одредби, како што е наведено во Дел 4.2.
Ако отстраниме содржина којашто сте ја споделиле затоа што сте ги прекршиле нашите Стандарди на заедницата, ќе ве известиме и ќе ви ги објасниме опциите што може да ги имате за барање нова ревизија, освен ако сериозно или повеќекратно не сте ги прекршиле овие Услови или ако со тоа може да се изложиме себеси или другите на законска одговорност; да ѝ наштетиме на заедницата на корисници; да го загрозиме или попречиме интегритетот на функционирањето на кои било наши услуги, системи или Производи; кога сме ограничени поради технички пречки; или кога тоа ни е забрането од законски причини. За информации за суспендирање или укинување сметка, видете во Дел 4.2 подолу.
Работиме со независни проверувачи на факти во многу јурисдикции за да се бориме против дезинформациите. Кога содржината е оценета од проверувачи на факти, може да додадеме известување за да обезбедиме дополнителен контекст. Повеќе информации за проверка на факти може да најдете овде.
За да ја поддржиме нашата заедница, ве охрабруваме да ги пријавувате содржините или однесувањата коишто сметате дека ги прекршуваат вашите права (вклучително правата на интелектуална сопственост) или нашите услови и политики, ако оваа карактеристика постои во вашата јурисдикција. Исто така, може да го отстраниме или ограничиме пристапот до содржини, карактеристики, услуги или податоци ако утврдиме дека тоа е разумно неопходно за да се избегне или ублажи злоупотребата на нашите услуги или негативните законски или регулаторни влијанија врз Meta.
3.3 Дозволите коишто ни ги давате
Потребни ни се одредени дозволи од вас за да ги обезбедиме нашите услуги:
1. Вашите содржини: Некои содржини што ги споделувате или поставувате, како фотографиите или видеата, може да се заштитени со законите за интелектуална сопственост.
Вие ја задржувате сопственоста над правата на интелектуална сопственост (на пример, авторските права или трговските марки) во сите такви содржини коишто ги создавате и споделувате на Facebook и другите Производи на Компанијата Meta што ги користите. Ништо во овие Услови не ви ги одзема правата коишто ги имате во однос на вашите содржини. Слободно може да ги споделувате содржините со кого сакате, каде и да сакате.
Меѓутоа, за да ги обезбедиме нашите услуги, потребно е да ни дадете одредени законски дозволи (познати како „лиценца“) за користење на тие содржини. Ова е само за да може да ги обезбедуваме и да ги подобруваме нашите Производи и услуги како што е опишано во Дел 1 погоре.
2. Дозвола за користење на содржините коишто ги создавате и споделувате: Поточно, кога споделувате, објавувате или поставувате содржини што се опфатени со права на интелектуална сопственост врз или во врска со нашите Производи, вие ни давате неексклузивна, пренослива, светска лиценца без надоместоци за авторски права што може да се дава како под-лиценца, за да приредуваме, користиме, дистрибуираме, менуваме, пуштаме, копираме, јавно да изведуваме или прикажуваме, преведуваме и да создаваме дела што произлегуваат од вашите содржини (согласно со вашите поставки за приватност и апликации). На пример, тоа значи дека ако споделите фотографија на Facebook, виде ни давате дозвола да ја зачуваме, копираме и споделуваме со други (повторно, во согласност со вашите поставки) како што се Производи на Meta или даватели на услуги што ги поддржуваат тие производи и услуги. Оваа лиценца ќе заврши кога вашите содржини ќе се избришат од нашите системи.
3. Бришење на вашата содржина: Вие во секое време можете да бришете индивидуална содржина што ја споделувате, објавувате и поставувате. Покрај тоа, сите објавени содржини на вашата лична сметка ќе се избришат ако ја избришете вашата сметка. Дознајте повеќе за тоа како да ја избришете вашата сметка. Бришењето сметка не ја брише автоматски содржината што ја објавувате како администратор на страница или содржина што ја создавате заеднички со други корисници, како што се фотографии во Споделени албуми, коишто може и понатаму да бидат видливи во албумите на другите членови.
Може да бидат потребни најмногу 90 дена за да ја избришеме содржината откако ќе го започнеме процесот на бришење на сметката или ќе добиеме барање за бришење содржина. Ако испратите содржина во ѓубре, процесот на бришење автоматски ќе започне по 30 дена, освен ако изберете содржината да се избрише поскоро. И покрај тоа што процесот на бришење на таквата содржина трае, содржината веќе нема да биде видлива за другите корисници. Откако ќе се избрише содржината, може да ни се потребни уште најмногу 90 дена за да ги отстраниме од резервните копии и обновувањата во случај на катастрофа.
Содржината нема да се избрише во рок од 90 дена од бришењето на сметката или од почетокот на процесот на бришење содржина во следните ситуации:
  • содржините ги користеле други согласно со оваа лиценца и не ги избришале (при што оваа лиценца ќе продолжи да важи додека да се избришат содржините);
  • кога бришењето не е можно во рок од 90 дена поради технички ограничувања на нашите системи, ние целосно ќе ги избришеме веднаш штом тоа биде технички возможно; или
  • кога непосредното бришење би ја ограничило нашата способност за:
    • истражување или идентификување незаконски активности или прекршувања на нашите услови и политики (на пример, за идентификување или истражување злоупотреби на нашите Производи или системи);
    • заштита на безбедноста, интегритетот и сигурноста на нашите Производи, системи, услуги, нашите вработени и корисници, и за наша одбрана;
    • усогласеност со законските обврски за чување докази, вклучително податоци на Компании на Meta коишто обезбедуваат финансиски производи и услуги заради усогласеност со обврските за чување досиеја согласно со закон; или
    • усогласување со барање од судски или административен орган, полиција или владина агенција;
при што содржините нема да се задржат подолго од тоа што е неопходно за целите за коишто се задржани (точното времетраење ќе се разликува во зависност од случајот).
Во секој од горните случаи, оваа лиценца ќе продолжи да важи додека не се избришат содржините целосно.
4. Дозвола за користење на вашето име, сликата на профилот и податоците за вашите дејства поврзани со рекламите и спонзорираните или комерцијалните содржини: вие ни давате дозвола да ги користиме вашето име, сликата на профилот и податоците за дејствата што сте ги презеле на Facebook за да може да ги прикажуваме таквите податоци до или во однос на рекламите, понудите и другите спонзорирани или комерцијални содржини коишто ги прикажуваме на нашите Производи, без надоместок за вас. На пример, може да им покажеме на вашите пријатели дека сте заинтересирани за некој рекламиран настан или дека ви се допаѓа Страница на Facebook од некој бренд којшто ни платил да прикажуваме реклами на Facebook. Ваквите реклами и содржини може да ги гледаат само луѓето коишто имаат ваша дозвола да ги гледаат дејствата што сте ги презеле на Производите на Meta. Може да дознаете повеќе за вашите поставки и претпочитани дејства за реклами.
5. Дозвола за ажурирање на софтверот којшто го користите или сте го презеле: Ако го преземете или го користите нашиот софтвер, ни давате дозвола да преземаме и да инсталираме ажурирања на софтверот кога ќе треба.
3.4 Ограничувања за користењето на нашата интелектуална сопственост
Ако ги користите содржините коишто ги покриваат нашите права на интелектуална сопственост и ги овозможуваме во нашите производи (на пример, сликите, дизајните, видеата или звуците коишто ги обезбедуваме и ги додавате во содржините коишто ги создавате или ги споделувате на Facebook), ги задржуваме сите права на таквите содржини (но, не и вашите). Може да ги користите нашите авторски права или трговски марки (или слични знаци) само како што е изречно дозволено во нашите Принципи за користење на брендот или со наша претходна писмена дозвола. Мора да добиете наша писмена дозвола (или дозвола согласно лиценца од отворен извор) за да модифицирате, преведувате, создавате деривативни дела, да произведувате изворен код или да правите обратен инженеринг на нашите производи или нивните компоненти, или на друг начин да се обидете да извлечете изворен код од нас, освен со исклучок или ограничување согласно со важечки закон или ако вашето однесување е поврзано со Програма на Meta за справување со грешки. Ги задржуваме сите права коишто не ви се изречно дадени.
4. Дополнителни одредби
4.1 Ажурирање на нашите Услови
Постојано работиме на тоа да ги подобриме нашите услуги и да развиваме нови карактеристики за подобрување на нашите Производи за вас и за нашата заедница. Како резултат на тоа, повремено се појавува потреба од ажурирање на овие Услови, за да може точно да ги опишеме нашите услуги и практики за промовирање на безбедно и сигурно искуство со нашите Производи и услуги, и/или за да постигнеме усогласеност со важечката законска регулатива. Ќе правиме измени само ако одредбите повеќе не се соодветни или ако се нецелосни и само ако измените се разумни и соодветно ги земаат предвид вашите интереси, или ако промените се бараат заради безбедност и сигурност или заради усогласеност со важечката законска регулатива.
Ќе ве известиме (на пример, преку е-пошта или преку нашите Производи) најмалку 30 дена пред да ги измениме овие Услови и ќе ви дадеме можност да ги прегледате пред да стапат во сила, освен ако измените се задолжителни со закон. Штом ажурираните Услови стапат во сила, ќе бидете обврзани да ги почитувате ако продолжите да пристапувате или да ги користите нашите производи.
Се надеваме дека ќе продолжите да ги користите нашите производи, но ако не се согласувате со нашите ажурирани услови или ако сакате да го раскинете овој договор, можете да ја избришете вашата сметка во секое време и исто така мора да престанете да пристапувате или да користите Facebook и други производи на Meta.
4.2 Суспендирање или затворање на сметката
Сакаме Facebook да биде место каде што луѓето се чувствуваат добредојдени и безбедни да се изразат и да ги споделат своите мисли и идеи.
Ако утврдиме, според наша дискреција, дека очигледно, сериозно или повеќекратно сте ги прекршиле нашите Услови или Политики, особено нашите Стандарди на заедницата, може да го суспендираме или трајно да го оневозможиме вашиот пристап до Производи на Компанијата Meta и може трајно да ја оневозможиме или избришеме вашата сметка. Исто така, може да ја оневозможиме или избришеме вашата сметка ако повеќекратно ги нарушите правата на интелектуална сопственост на другите луѓе или кога мораме да го сториме тоа од законски причини.
Може да ја оневозможиме или избришеме вашата сметка ако по регистрирањето, вашата сметка не е потврдена, вашата сметка не е користена и останува неактивна подолг временски период или ако откриеме дека некој можеби ја користел без ваша дозвола, а ние не сме во можност да ја потврдиме вашата сопственост на сметката. Дознај повеќе како ги оневозможуваме и бришеме сметките.
Кога ќе преземеме такви дејства, ќе ве известиме и ќе ви ги објасниме опциите што ги имате за барање преглед, освен ако со тоа може да се изложиме себеси или другите на правна одговорност; да ѝ наштетиме на заедницата на корисници; да го загрозиме или попречиме интегритетот на функционирањето на кои било наши услуги, системи или Производи; кога сме ограничени поради технички пречки; или кога тоа ни е забрането од законски причини.
Може да дознаете повеќе за тоа што може да направите ако сметката ви е оневозможена и како да контактирате со нас ако мислите дека сме ви ја оневозможиле сметката по грешка.
Ако ја избришете или ја оневозможиме или избришеме вашата сметка, и престанете да пристапувате, користите или да го посетувате Facebook и други производи на Meta, или ако овој договор е поинаку раскинат, тогаш овие Услови ќе бидат раскинати како договор меѓу вас и нас, освен за следниве одредби, кои ќе останат во сила: (3, 4.2-4.5).
4.3 Ограничувања на одговорноста
Работиме напорно за да ги обезбедиме најдобрите можни Производи и за да дефинираме јасни принципи за сите коишто ги користат. Меѓутоа, нашите Производи се обезбедени „какви што се“ и, до степен дозволен од законот, не гарантираме дека се секогаш безбедни, сигурни или без грешки, или дека ќе функционираат без попречувања, одложувања или несовршености. До степен дозволен со закон, исто така ГИ ОДБИВАМЕ СИТЕ ГАРАНЦИИ, БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ СЕ ЕКСПЛИЦИТНИ ИЛИ ИМПЛИЦИТНИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ ИМПЛИЦИТНИТЕ ГАРАНЦИИ ЗА ТРГОВИЈА, ПОДОБНОСТ ЗА ОДРЕДЕНА ЦЕЛ, СОПСТВЕНОСТ И НЕПОВРЕДУВАЊЕ. Не го контролираме или насочуваме тоа што луѓето и другите го прават или го кажуваат, и не сме одговорни за нивните дејства или за однесувањето (онлајн или офлајн) или за содржините коишто ги споделуваат (вклучувајќи навредливи, несоодветни, непристојни, незаконски и други неприфатливи содржини).
Не можеме да предвидиме кога може да се појават проблеми со нашите Производи. Соодветно на тоа, нашата одговорност е ограничена до највисок степен дозволен со важечките закони. До највисок степен дозволен со важечките закони, во никој случај нема да бидеме одговорни за каква било загуба на добивка, приходи, информации или податоци, или последователни, специјални, индиректни, примерни, казнени или ненамерни штети како резултат на или во врска со овие Услови или Производите на Meta (без оглед дали се предизвикани или се засновани на каква било теорија на одговорност, вклучително и небрежност), дури и ако сме биле советувани за можноста за такви штети.
4.4 Спорови
Се обидуваме да обезбедиме јасни правила за да ги ограничиме или, се надеваме, да ги избегнеме споровите помеѓу вас и нас. Но, ако дојде до спор, корисно е однапред да се знае каде може да се реши и кои закони ќе важат.
Ако сте потрошувач или се наоѓате на место каде што тоа е задолжително со закон, законите на државата во којашто живеете ќе важат за секоја тужба, постапка или спор којшто ќе го поведете против нас како резултат на или поврзан со овие Услови или Производите на Meta, и тужбата ќе може да ја решавате во секој надлежен суд во државата којшто има јурисдикција за неа. Во сите други случаи и за каква било тужба, постапка или спор којшто Meta ќе го поведе против вас, вие и Meta се согласувате дека секоја таква тужба, постапка или спор мора да се реши исклучиво во САД. Окружниот суд на САД за Северниот Округ на Калифорнија или државен суд во Округот Сан Матео. Исто така се согласувате дека подлежите на личната јурисдикција на кој било од овие судови за потребите на водење на таквите спорови и дека законите на државата Калифорнија ќе бидат меродавни за овие Услови и за секоја тужба, постапка или спор, без разлика на одредбите за конфликт на законите. Без да се намали значењето на горенаведеното, вие се согласувате дека според единствена дискреција на Meta, таа може да поведе тужба, постапка или спор против вас во кој било надлежен суд во земјата во којашто живеете, а којашто има надлежност над тужбата.
4.5 Разно
  1. Дополнителни услови: За некои од Производите коишто ги нудиме важат и дополнителни услови. Ако користите кој било од Производите, дополнителните услови ќе ви бидат достапни и ќе станат дел од нашиот договор со вас. На пример, ако пристапувате до или ги користите нашите Производи за комерцијални или деловни цели, како купување реклами, продавање производи, развивање апликации, управување со група или Страница за вашиот бизнис, или ги користите нашите услуги за мерење, мора да се согласите со нашите Комерцијални услови. Ако објавувате или споделувате содржини коишто содржат музика, мора да се придржувате до нашите Принципи за музика. Ако користите аватари, тогаш се применуваат исто така и Условите за аватари. Доколку ги користите нашите производи и функции за ВИ, важат и Условите за Meta AI. Доколку некои од дополнителните услови се во конфликт со овие Услови, за конфликтот ќе важат дополнителните услови.
  2. Раздвојување: Ако за кој било дел од овие Услови се оцени дека не може да се спроведе, делот што не може да се спроведе ќе се смета дека е изменет до минимален потребен степен за да може да се спроведе, а ако не може да се направи спроведлив, тогаш ќе се укине, а преостанатиот дел ќе остане во целосна сила и дејство. Ако не успееме да спроведеме некој од овие Услови, тоа нема да се смета за одрекување од правата. Секое дополнување или одрекување од правата поврзани со овие Услови мора да се направат во писмена форма и да ги потпишеме.
  3. Нема пренос на податоци: Нема да ги пренесувате вашите права или обврски согласно овие Услови на никој друг без наша согласност.
  4. Контакт за наследници: Можете да назначите лице (наречено контакт за наследник) коешто ќе управува со вашата сметка ако е комеморирана. Ако го овозможите тоа во вашите поставки, само вашиот контакт за наследник или лицето коешто сте го идентификувале во валиден тестамент или сличен правен документ во којшто е изразена јасна согласност за откривање на вашите содржини на тоа лице во случај на смрт или неспособност, ќе може да бара ограничено откривање на информации од вашата сметка откако таа ќе се комеморира.
  5. Нема Услови за корисници трети страни: Овие Услови не им даваат никакви права на корисници од трети страни. Сите наши права и обврски согласно овие Услови слободно може да се доделат од наша страна во случај на соединување, купување или продажба на средства, или согласно законите или на друг начин.
  6. Промена на корисничко име: Можеби ќе биде потребно да го измениме корисничкото име на вашата сметка во одредени околности (на пример, ако некој друг го присвоил корисничкото име, а се чини дека не е поврзано со името коешто го користите во секојдневниот живот).
  7. Повратно мислење: Секогаш ги цениме вашите повратни мислења и другите предлози за нашите производи и услуги. Но, повратните мислења и другите сугестии може да ги користиме без ограничувања и немаме обврска да ви исплатиме надомест ниту да ги одржуваме доверливи.
5. Други услови и правила коишто може да важат за вас
  • Стандарди на заедницата: Овие принципи ги дефинираат нашите стандарди во однос на содржините коишто ги објавувате на Facebook и вашите активности на Facebook и на другите Производи на Meta.
  • Комерцијални услови: Овие услови важат ако пристапувате до и ги користите нашите Производи и за какви било комерцијални или деловни цели, вклучувајќи рекламирање, работа со некоја апликација на нашата Платформа, користење на нашите услуги за мерење, управување со група или Страница за бизнис или продавање стоки или услуги.
  • Услови за плаќање за заедницата: Овие услови важат за плаќањата коишто се извршуваат на или преку Производите на Meta.
  • Трговски правила: Овие принципи ги дефинираат правилата коишто важат кога нудите производи или услуги за продажба на Facebook, Instagram и WhatsApp.
  • Принципи за музика: Овие принципи ги дефинираат правилата коишто важат ако објавувате или споделувате содржини коишто содржат музика на Производите на Meta.
  • Политики за рекламирање: Овие правила се однесуваат на партнери коишто се рекламираат на Производите на Meta и ги определуваат типовите содржини за реклами што ги дозволуваат партнерите кои се рекламираат на Производите на Meta.
  • Услови за самоуслужни реклами: Овие услови важат кога користите интерфејси за самоуслужно рекламирање за да создадете, поднесете или испорачате реклами или други комерцијални или спонзорирани активности или содржини.
  • Политика за страници, групи и настани на Facebook: Овие принципи важат ако создавате или администрирате Страница, група или настан на Facebook или ако го користите Facebook за комуникација или администрирање на промоција.
  • Политика на платформата на Meta: Овие услови се однесуваат на употребата на збир на API, SDK, алатки, плагини, код, технологија, содржина и услуги коишто им овозможуваат на други да развиваат функции, да враќаат податоци од MetaProducts или да обезбедуваат податоци за нас.
  • Услови за плаќање за развивачи: Овие услови важат за развивачите на апликации коишто користат Плаќање на Facebook.
  • Ресурси на брендот Meta: Овие принципи ги дефинираат политиките коишто важат за користењето на трговските марки, логоата и сликите од екранот на Meta.
  • Принципи на препораки: Принципите за препораки на Facebook и Принципите за препораки на Instagram ги содржат нашите стандарди за препорачана и непрепорачана содржина.
  • Правила за во живо: Овие правила важат за сите содржини коишто се емитуваат на Facebook во живо.
  • Услови за аватар: Овие услови се однесуваат на користењето на нашите Аватари и нашите функции на Аватар, вклучувајќи ги купувањата и набавките на облеката на Аватар во продавницата на Аватар.
  • Услови на Meta AI: Овие услови ја регулираат употребата на нашите производи и функции за Генеративна ВИ.